Project Description
Киселичка пештера/ природен уникат на Пијанец и со своите 108 m должина, претставува најдолга пештера во овој краен источен дел на Република Македонија, а од неодамна е прогласена и за природна реткост. Се наоѓа на7 km северозападно од Делчево, во атарот на селото Киселица. До пештерата се стигнува преку асфалтен пат до селото, а потоа уште 700 m на север по добар земјен пат, се до еден поток кој се влева во Селничка Река. Покрај потокот води патека, по која се доаѓа под варовничкиот блок во кој е формирана пештерата. Тука, може да се забележат двата влезни дела преку кои се влегуваво подземниот лавиринтод пештерски канали. Поголемиот или горен влез е во стрмен карпест отсек, на височина од 5 m над пристапната патека, односно на 770 m надморска височина. Овој влез, кон внатре се проширува во мала пештерска сала, од која продолжуваат повеќе тесни канали. Помалиот, долен влезен дел, се наоѓа на 15 m десно (југозападно) и 4 m пониско од горниот влез и се состои од два отвори во ниво високи околу 1 m. Преку тесни, но проодни канали, горниот и долниот дел на пештерата се составуваат, така што ако се влезе низ долниот, може да се излезе кај горниот влез. На дното од каналите и проширувањата има глинест материјал, а по страните се среќаваат пештерски украси, посебено калцитски сливови со беличеста боја. Во пештерата има разни интересни инсекти, а може да се забележат и лилјаци од загрозениот вид голем потковичар (Rhinolophus ferrumequinum).