Project Description

Кукуље кај Нов Истевник / уникатна релјефна појава на падините на ниската планина Бејаз Тепе, речиси на половина пат помеѓу Делчево и Пехчево. До локалитетот се доаѓа преку регионалниот пат Делчево-Берово, при што кај с. Нов Истевник се исклучува од главниот пат и по тесен асфалтен пат се стигнува до самото село.Потоа, по пешачка патека се искачува околу 1,5 km кон југ, до надморска височина од 880 m.Така се доаѓа до импозантен ерозивен отсек длабок 60-тина метри, со карактеристични форми на камени кукли по страните.Овде, на должина од околу 200 m се создадени 50-тина земјени пирамиди со височина до 15 m. Дел од нив се сосема одвоени и наликуваат на човечки фигури – скаменети кукли, па оттука и името на појавата. Дел пак се поврзани во вид на природни бедеми, куполи и „тврдини“. За настанаувањето на кукуљето има бројни легенди, приказни и верувања, кои најчесто велат дека станува збор за скаменети сватови или свадбари кои направиле нечесна работа. Сепак, науката укажува дека куклите се природна појава, настаната со вековна ерозија на трошните седиментни карпи, при што заостанале само поцврстите делови. Поради разновидноста на формите, димензиите, колоритот, околната густа шума и чистиот воздух, секој што ќе го посети Кукуље,останува восхитен и посакува да дојде повторно. Неодамна, локалитетот е делумно уреден и заграден од безбедносни причини, па слободно може да се ужива во Кукуљето, да се фотографираат и набљудуваат куклите стари стотици години. Воедно, може барем на кратко да се одморите на поставените клупи и да ја почуствувате недопрената природа.