Project Description

 Мелови кај село Црник / се многу интересни геоморфолошки форми со амфитеатрален изглед, кои кон подножјето се стеснуваат, па наликуваат на пресечена инка. Станува збор за 10-ина мелови кои се наоѓаат на околу 1 km, односно 15 минути одење спротиводно (југоисточно) по Црничка Река, над с. Црник. Тие имаат значителна височина на ерозивниот отсек до 80 m, а пречникот им е до 300 m. Тоа, на некои отсеци им дава импресивен изглед, а движењето и набљудувањето покрај работ на отсекот се возбудливи и полни со адреналин. Меловите се хоризонтално слоевити, изградени во неотпорни седиментни карпи (песоци, песочници, глини), наталожени во некогашното Пијанечко Езеро, кое постоело до пред милион години. Затоа и боите на отсеците варираат од сивкава, жолтеникава, црвеникава до кафеава. Страните се интересни и по длабоките бразди, долчиња, ендеци и мали земјени пирамиди. Во однос на постанокот, меловите се формирале со претерана, вековна дождовна ерозија на оголени, слабо отпорни седиментни слоеви. Во тој процес, своја улога имал и човекот, кој во минатото уништил добар дел од природната вегетација на овој простор. Освен во фасцинантните мелови, овде може да уживате и во чистиот воздух, убавината на селото Црник и во љубезноста на локалното население.